top of page

Урбана (де)централизација - Дали да ги ставиме сите јајца во една кошница?

Nov 27, 2024

3 min read

0

12

Со терминот урбана централизација се опишува ситуацијата кога една држава ги насочува своите ресурси, инвестиции, капитални проекти и развојни можности кон еден град или пак кон еден регион. Ова води до концентрација на моќ, финансии и власт во тој град или регион и создава можности за негов развој, а со самото тоа имаме и поголема концентрација на население.


Помеѓу главните аспекти на урбаната централизација е агломерацијата, особено од економски аспект, каде што имаме бизниси и дејности што се здружуваат и понатаму нудат поголемо ниво на специјализација и експертиза во тие индустрии. Дополнително, со здружување и испреплетеност на дејностите, се отвораат можности за иновации, кои се двигатели на модерните економии. Можеби најважен аспект, особено за локалната власт, е создавање голема даночна база. Пред сѐ, високите цени на недвижностите нудат можност за изобилство приходи за локалната власт, кои понатаму се користат за решавање на проблемите на граѓаните како што се: канализација, патишта, водовод, превоз и слично. 


Една стара народна мудрост нè учи дека сите јајца не се ставаат во иста кошница. Како резултат на поголеми развојни можности за еден град или регион, се создаваат неповолности во развојот на останатите градови или региони, што на долг рок води до неодржливост во развојот на државата. Имајќи предвид дека во некои градови или региони има поголеми развојни можности од во други,  природно е младите, особено оние од помалку развиените градови или региони, да го напуштат родниот крај во потрага по подобар животен стандарт. Напливот луѓе резултира со зголемување на цените на недвижностите, што на просечниот човек што сака да купи недвижност му претставува проблем. Дополнително, бетонизацијата, пренатрупаноста и никнувањето згради во секое ќоше има негативно влијание врз животната средина. Состојбата на животната средина дополнително ја загрозуваат и проблемите и метежот во јавниот превоз.


Сепак, речиси без исклучок, државите се залагаат за поголема рамномерност на развојот на регионите во економијата, така што тие се одлучиле да се борат со урбаната централизација, ориентирајќи се кон урбана децентрализација. На пример, по падот на Берлинскиот ѕид, германската власт се насочила кон инвестиции во источниот дел од Германија, за да се постигне поголема еднаквост помеѓу истокот и западот. Народна Република Кина применува низа економски и социјални политики, за да ја намали економската концентрација во метрополите Пекинг и Шангај и да промовира еднакви можности помеѓу провинциите на Кина. Бразилската власт пак, применува низа политики познати како „Програма за забрзување на развојот“, со која се поддржуваат инвестициите надвор од клучните бразилски градови.


Мошне интересен е примерот на една за нас блиска земја, со која сме биле дел од заедничка држава и заедно сме ги почнале првите чекори кон економската и политичката независност, а тоа е Словенија. Кога словенечката власт забележала потенцијален проблем со концентрација на ресурси, луѓе и развојни можности, тие постапиле следејќи ја изреката - подобро да спречиш, отколку да лечиш. Имено, тие децентрализацијата ја сфатиле мошне сериозно и на општините и градовите им дале целосна слобода самите да носат одлуки за развој. Дополнително, преку користење средства од ЕУ фондови, централната власт на Љубљана доделува ресурси на цела Република Словенија.  Дополнително, одличната патна и железничка инфраструктура се доволен доказ дека има квалитетна комуникација помеѓу оделните региони, а тоа значи дека на секој регион му се дава поеднаква важност. Состојбата на Македонија е одличен пример за урбана централизација, со огромна концентрација на ресурси, инвестиции и производство во скопскиот регион. 


За крај, ако се земат како релевантни изјавите за рамномерен регионален економски развој на надлежните низ сите изминати години, тогаш се извлекува заклучок дека мерките што се применуваат не вродиле со плод и дека е потребна своевидна промена, или пак поинвентивни политики за успех кон таа цел. На пример: работа од дома, подобра патна и железничка инфраструктура, подобри здравствени услуги и инвестиции во технологија во заостанатите региони.


Стефан Трендевски

Михаел Јошуа Влаисављевиќ 


Nov 27, 2024

3 min read

0

12

bottom of page