top of page

Скомрахи

Nov 21, 2024

3 min read

2

46

Самиот збор Скомрахи доаѓа од индоевропскиот збор „СКОМРОС“ - чудна варијанта патувачки комедијанти, танчери, исполнители на „театар со маски“. Скомрахи датира уште од 1988 година и на почетокот размената била само на југословенско ниво. Со неговото развивање, се зголемил и бројот учесници, а се прошириле и границите на размената. Па така, во 2008 година земја гостин била и Уганда. Денес, на фестивалот можат да се видат гости од секој дел на Европа. 


Целите на фестивалот се: размена на култура, идеи и начини на работа, проучување нови пристапи, остварување контакти, како и афирмација на млади автори и изведувачи. Концептот на Скомрахи е да се споделат искуства и идеи преку гледање претстави, филмови или пак учествување на некоја од работилниците. Програмата што ја нуди Скомрахи секоја година е сѐ побогата и побогата, а дополнително е и бесплатна. Секој што има желба и љубов кон уметноста може да биде дел од фестивалот.


Секое издание на Скомрахи е различно и уникатно. Спојот на различни култури нуди мешавина од енергии, идеи и начини на работа. Гледајќи како нашите колеги ги поминуваат своите студентски денови на другите драмски академии, и самите се инспирираме. Оваа година имавме и студенти од Академијата „Фонтис“ за циркус перформанс. Исто така, за првпат Скомрахи се прошири и на нови локации. Покрај на Академската сцена на ФДУ, претставите оваа година се играа и на сцените на Драмскиот и Албанскиот театар, како и во Младинскиот културен центар и „Котур кафе и филм“. 


За мене, Скомрахи претставува слобода. Често употребуван збор, но навистина - кој успеал да дојде на Скомрахи, може да потврди дека енергијата на Скомрахи е нешто посебно. Скомрахи нуди извонредна можност да го дознаеш начинот на работа на другите академии, да дознаеш што во тој момент е важно за нив, која тема ги интригира, какви текстови одбираат да обработуваат, како тие се однесуваат на сцена и секако, да создадеш нови пријателства.


Во време кога културата и уметноста се ставаат во последен план, а ние младите бараме некаква промена од секојдневието и нова иснпирација, Скомрахи е она што ни треба - фестивал исполнет со младешка енергија, со желба за растење и за промена. А пак за оние што сакаат и забава, секоја вечер по редовната програма, Скомрахи нуди и журка во бифето на ФДУ, каде што забавата е како на ниту едно друго место.

Оваа година, Скомрахи исто така се разликуваше по тоа што беше создаден од студенти за студенти. Секој од нас беше вклучен во некоја активност (промоција, техничка организација, организирање работилница, или пак како домаќин на гостите, што подразбира постојана комуникација со нив и помош при какви било потреби и желби поврзани со нивната изведба).


Во разговор со некои студенти од другите катедри на ФДУ, успеав да дознаам и за нивното искуство на Скомрахи.

„Скомрахи ми е драг фестивал што секогаш го посетувам, а оваа година за првпат како студент на ФДУ. Ми се допаѓа љубовта што луѓето ја посветуваат на фестивалот, познанствата со студенти од цела Европа, кои имаат различни интереси, позадини и образовни навики. Оваа година успеав да помогнам околу филмската програма, а и да учествувам на проекции на филмови од други академии во Европа. Ова ми помогна да сфатам колку е мал светот, колку сме сѐ уште млади и љубопитни и колку е значајно студентите без страв да продолжат да снимаат. Она што секогаш ме вчудовидува кај сите уметнички форми – филм, театар, ликовна или музичка уметност, е тоа што често се соочуваме со истите проблеми, а сепак сечиј пристап и замисла е различен.“ - рече Леона Јариќ, студент во прва година на Факултетот за драмски уметности, на студиската програма за филмска режија.


Метин Лиман, кој е студент на студиската програма за филмско и тв снимање, сподели: „Како бруцош, ова беше добро и забавно искуство, бидејќи фестивалот ми даде можност да споделам свои мислења и знаења со студенти од различни држави, а пак по напорен ден снимање на фестивалот, се нуди добра забава во бифето на ФДУ.“

Покрај Скомрахи, Академската сцена на ФДУ нуди различни театарски претстави и филмови во текот на целата година. Датумите за изведбите може да ги видите на нашиот инстаграм профил @akademskascena.


Анастасија Митровска, студентка во трета година на програмата за Актерска игра, ФДУ


Nov 21, 2024

3 min read

2

46

bottom of page