
Руралното претприемништво е еден од факторите на производство во економијата. Претприемништво претставува процес на откривање можности на пазарот и нивно искористување во облик на производи и услуги. Во современи услови на стопанисување се јавуваат различни видови на претприемништво.
Бидејќи развојот на една држава треба да биде кохерентен и инклузивен, се става акцент на руралната компонента. За непрекинатост во руралниот развој, неопходно е поставување добри постулати за руралното претприемништво. Понатаму, неопходно е дефинирање на соодветен документ - политика за развој на руралното претприемништво, во кој ќе се направи добра анализа на постојните состојби и расположливи ресурси, ќе се скенираат капацитетите и ќе се идентификува потенцијалот.
Со цел да се подобрат капацитетите за развивање на руралното претприемништво, неопходно е најпрво да се стабилизира целиот претприемачки амбиент. Имено, да се намали неизвесноста и да се воспостави континуитет на мерките за поддршка и ефикасност на институциите. Во овој сегмент, главната точка на интерес треба да биде пренесувањето на знаење, односно развој на човечки капитал, во вид на менторски програми со чија поддршка ќе се создаваат бизнис идеи. Исто така, потребен е програмски пристап во процесот на брендирање и зголемување на нивото на конкуренција меѓу руралните претпријатија.
Во овој дел родовата димензија, односно улогата на руралните жени е од клучна важност. Поголемата вклученост на руралната жена во претприемачките процеси ќе придонесе кон поголеми стапки на раст, најпрво во самите рурални средини. Тоа понатаму ќе создава и поголема благосостојба.
Добар модел што ќе управува со промени и ризици е клучен во овие процеси. Со таков, руралните претприемачи ќе можат полесно да се привикнат на непредвидени шокови, како на пример пандемијата на Ковид-19. Тука е потребен програмски пристап за технолошкиот развој и трансформација на руралните претпријатија, сѐ со цел да се поттикне развојот на руралната економија.

Ристе Kостовски, студент од втор циклус на Економски факултет