top of page

Понекогаш сите сме поети

Oct 31, 2024

4 min read

12

119

Како подобро да го заокружиме нашиот прв творечки месец, ако не со поезија. Читнете си 6 песни на 6 млади луѓе што решија да споделат дел од себе со светот.


  • Ноќна успивна песна


Јас не знам кога цвета јоргованот,

и кога се перат чаршафите,

ниту кога да ја ставам запршката во манџата,

ниту како со носот накај чевлите се поставува главата.

Јас не знам да бидам она кревко мило домашно животно,

јас не знам да молчам кога треба,

мене ми текнува место на другите, само на себе.

Како ќе градам семејство, драги мои?

Со рацете в џеб?

Ќе го погазам ли некогаш мојот збор, бар еднаш,

ќе попуштам ли од јажето што магарешки го тегнам,

за да не се заплете чвор,

за замислата на живот со дечиња,

монистри, бавни утра, куќичка со двор

Или не е тоа единствениот начин?

Ќе бидам ли мајка?

Нани,нани, нани,нани

светот има осум страни..

нема да сме вечно сами..

само не мисли нани, нани.

(Ива Петреска)



  • не сакам да ми ја искршат карлицата во војна


не знам која повеќе ја сакам

клучната или карличната коска


не знам што повеќе сакам

да гледам како помодрува месото на клучната

или како набабруваат вените околу карлицата.


не знам што повеќе сакам

клучната што личи на риба

или карличната на зинат лав

или клучната на стоп знак

или карличната на два лежечки полицаjци

или клучната на девојка ми

или карличната на дечко ѝ

или клучната на две тазе кифли

или карличната два бика здивени пред корида.


не знам што повеќе сакам

мир во светот

или да умрам

да ослабам и да ми се познава карличната

или да ми ја искршат во војна клучната. (Андреј Медиќ Лазаревски)



  • кажи ми да чујам


на прабаба ми


ајде кажи

кажи ми за себе

кажи за секоја

тртка и бемка и семка

на кајсијата во дворот

дали лесно се лупи

кажи ми за сонот

во кој тепаш слонови

кажи дали тоа се 

маките твои големи

кажи ми за комшиката

дека скарани сте

а сестра ти е


и утре пак истото

и утре фустанот 

и шамијата

и да не одам боса

и да не одам гола 

и да ги спуштам ролетните

– комшиите да не ме видат

и да не седам до касно

и да си сркнам шеќерче

и после притисокот паднат

– шеќерот дигнат.


а може утре

да ги скинеме заедно

и шамиите

и комшиите

и може утре

да ги гушнеш слоновите

од соновите

и босонога и гола

ко самовила во ангола

да трчаш лишена

од болката во колкот

и болката поради молкот

со крилјата возвишена

да полеташ за да те видат

да запееш за да те чујат

ко што ми кажуваше

за јас да чујам

може утре

да создадеме сѐ

освен историјата

на она што го создаваме



*


о! време

гневно на часовниците

ќе те свртам назад

и ќе те бакнам

во ритам на тамтамот

што чука за отпор

(Марија Велинова)



  • Змија ми патува низ моите сини реки.


Се чисти од своите гревови во моите длабочини, се храни од највисокото дрво на мојата планина.

Влечуго проколнета, 

која песна преку мене ја изустуваш?

Влечуго проколнета,

зошто со мојата крв се засладуваш?

Змија ми патува низ моите сини реки. 

Се витка околу колковите, 

се превиткува низ забите.

Таа зборува, јас си ги голтам слоговите. 

Кругот се затвора таму каде започна.

Таа зборува, љуби да биде сослушана.

Таа зборува, само сака да биде нахранета.

Таа зборува - мракот беше пред светлината.

Си ги јадам слоговите, ја голтам осаменоста, ја бркам змијата.

Но кругот се затвора.

Мракот беше пред светлината.

Во мракот ми шепотеше дека светлината е само одблесок на надежта.

(Тамара Гускароска)



  • Живеам на две места,


Првото го викам кај децатa второто го викам кај мене, ни едното ни другото не ги викам дома.


Живеам на две места


во позиција и во опозиција, 

во доминација и во инспирација, 

во негација и во градација, 

во цивилизација и во нација, 

во работа и во сабота, 

во сега и во после, 

во карпош и во капиштец, 

во срцето и во разумот, 

во рацете и во нозете, 

во сам себе и каков сум со тебе.


На средина е рузвeлтова, ама ни таа не ми е дома


Кај децата безбеден, 

кај мене небезбеден

Во капиштец сум посветен, 

пред влада ќе сум осветен, 

во позиција опуштен, 

во опозиција недопуштен, 

во негација локален, 

во градација глобален, 

во цивилизација поскромен, 

во нација поспремен, 

во работа неплатен, 

во сабота претплатен, 

во срцето сигурен, 

во разумот, 

во сам себе,

Несигурен.


Живеам на две места, ни едното ни другото, не ги викам, дома.

(Виктор Бучковски)



  • Дуална теорија на домови


Дом број 1:

Сама ги одам булеварите,

плашт ми е светлината од семафорите

раката што ме држи е од месечината

и заедно си ја бараме љубовта

по ходници, на клупи, во лифтови...


Дом број 2:

Ги множам месеците со ѕвездите на небото

а деновите со сите камчиња што некогаш сум ги фрлила в езеро.

Пристаништата се чистилишта на загубените души

проколнати на вечно „на ти го – дај ми го“ од бродови,

на вечен круг од „добар ден“ и „збогум“.


Дом број 1:

Славев родендени, Денот на просветителите, Велигден, Денот на таткото,

а душата и телото уште ми мирисаат на Божиќ.

Сите мои земни поседи ги растргнав меѓу два дома

и се прашувам дали ми се лутат што и нив ги осудив на вечно патување.


Дом број 2:

Животот малку по малку ми вкусува на живот,

болот малку по малку ми вкусува на заборав.

Сите лета ќе дојдат и ќе пројдат,

јас сѐ уште се барам,

јас сѐ уште те барам.


Веќе ги собувам чизмите и тегот на зимата.

Веќе раззеленуваат бесот и лекот на езерото.

Ми ги фарбаат образите во топли бои

ми го очистуваат несонот од под очите.

Охрид ми вели: „Добредојде пак“,

а Скопје се смешка и ми ветува подобра есен.

(Мила Коруновска)





Oct 31, 2024

4 min read

12

119

bottom of page