
Поддршка за градење бренд во македонската економија
Nov 30, 2024
2 min read
0
44
Во време на глобализација на економските текови и зголемување на конкуренцијата,
неопходно е компаниите да имаат воспоставено внатрешни механизми за креирање одржлива конкурентска предност. Еден од начините да се постигне поголема конкурентност е создавање сопствен бренд. Брендот во основа може да биде име, знак или симбол, според кој производот на една компанија се разликува од останатите. Додека пак, за самиот процес на брендирање неопходен е стратегиски пристап и ефикасно планирање.
Кога станува збор за нашата економија, во нашата земја има релативно мал број генерички брендови. Причина за ова би можеле да бидат недостигот на финансиски ресурси, како и недостигот на знаење од оваа област. За да се надмине ваквата состојба, неопходно е од страна на Развојната банка да се обезбедат финансиски средства со прифатлива каматна стапка, кои би се канализирале преку деловните банки во вид на кредитни производи. Исто така, од страна на Агенцијата за поддршка на претприемништвото или некоја друга институција, потребно е дефинирање и имплементирање на програма за обука на менаџерите за креирање бренд стратегии, со јасно дефинирани индикатори за следење на нејзините достигнувања.
Понатаму, со цел да се рашири моделот на брендирање до што е можно поголем број сектори (индустрии), потребни се координативни механизми во вид на здруженија од соодветни сектори, по примерот на Здружението на месна и млечна индустрија, кое во вид на проекти ќе ја имплементира претходноспоменатата програма и ќе ја следи ефикасноста на претходноспоменатата кредитна поддршка во соодветната индустрија. Ова е особено важно за аграрниот сектор каде извозниот потенцијал е релативно мал, a и самата конјуктура на секторот е променлива.
За системот да биде ефективен долгорочно и да може да биде во тек со промените од внатрешното и надворешното опкружување, креаторите на политики треба да ги зајакнат механизмите за имплементирање добар моде л за управување со промени во рамки на компаниите. Исто така, со цел да се забележи стратегискиот ризик во работењето на компаниите во подрачјето на креирање и имплементирање стратегии за брендирање, потребно е да се изгради ефикасен и ефективен модел на управување со ризици во компаниите.
Но, за овој процес да ги даде посакуваните ефекти, потребно е и самите компании да ги зголемат своите организациски капацитети за брендирање, преку креирање соодветна организациска култура и раководство. На овој начин, ќе се зголеми извозниот потенцијал на целата економија, со што ќе се зголеми и потенцијалот за раст на бруто домашниот производ и благосостојбата на населението.