
Пишувањето поезија за мене не е само потреба за креативна слобода, туку и огромна желба и копнеж. Сакам да откривам каде сѐ може да ме одведе мислата врзана во стих и што сѐ можам да „нацртам“ со зборот.

Во месец април оваа година, од печат излезе мојата прва стихозбирка насловена „Небо од стихови“, во издание на „Антолог“. Збирката содржи повеќе од триесет и пет песни, поделени во четири поглавја: „за С.“, „Себесоздавање“, „За неа“ и „Прег(к)ратки“. Во неа се испреплетуваат нијанси на сината боја преку чувствата и емоциите предизвикани од секојдневието. Пресреќна сум што мислите претворени во стихови добија шанса да допрат до останатите и да бидат средство за пронаоѓање некој нов, неоткриен дел од нив, од самите нас.
Процесот на пишување може да биде макотрпен и напорен, но во мојот случај беше спонтан и без премногу брзање, во временска рамка од околу пет години. Една песна прерасна во инспирација за друга и оттаму се јави потребата да се соберат во збирка, затоа што претставуваат мапа на моето растење и созревање, и како автор и како личност.
Во последно време предизвик за пишување ми се хаику и танка поезија (јапонски вид песни со точно определена структура т.е. број на слогови). Кај хаикуто, важна е шемата 5-7-5, што значи дека треба да се вметнат седумнаесет слогови во три стихови, соодветно. Додека пак танката се води по принципот 5-7-5-7-7, пет стихови со 31 слог. Неколку вакви песни се застапени и во збирката, во делот „Прег(к)ратки“. Кај овие песни, најмногу ми се допаѓа економичноста на зборот, без притоа да се изгуби емоцијата и пораката што треба да се пренесе, поетската слика што треба да се создаде кај читателот.
Во антиката, сите уметнички литературни творби се пишувале во стих (прозата не се сметала за уметност). Стилските фигури, како помошни алатки за поет(ес)ите, ја доловуваат онаа естетска функција. Но, многу е важен и начинот на кој ќе се пренесе песната, изборот на зборови и изразот на самиот автор, гласовните совпаѓања и ритамот (со тоа се занимава версификацијата како научна дисциплина).
Пишувањето има своја лекувачка моќ, ако може така да се нарече, поради тоа што дозволува да се соочиш со сопствените емоции, да ги идентификуваш и да им дадеш посебна смисла. Поезијата е емоција. Она што е напишано, е доживеано.
Поезијата изискува размислување и убав начин на пишување, таа е бегство од реалноста за соочување со реалноста, впрочем, исто како и уметноста. Без разлика дали станува збор за филм, театар, музика или книга, уметноста сама по себе го прави светот поубав, затоа што создава нови (внатрешни) светови на имагинација и мечтаење. Ни помага да го спознаеме светот околу нас, а најмногу себеси.
Софија Добревска
(Студентка на Катедрата за македонска книжевност и култура,
Филолошки факултет „Блаже Конески“)