top of page

Осврт на симпозиум за алергии

Nov 23, 2024

2 min read

5

194


По успешно остварување на симпозиум со тема „алергии“, две од многуте организатори споделуваат дел од искуството.



Ања Ангеловска:

По интензивна подготовка од неколку месеци, нашата организација ЕМСА - Македонија и Факултетското студентско собрание при Медицинскиот факултет, се соединија и успешно организираа симпозиум на тема ,,Алергии’’, кој се одржа на 9. и 10. ноември во просториите на деканатот на Медицински факултет. Тимот на организатори работеше неуморно, започнувајќи со планирање на темата и програмата, избирање предавачи, барање спонзори и секако, распределување на просторот и креирање на една извонредна атмосфера за сите учесници.

Процесот на подготовка на симпозиумот започна со опсежно истражување актуелни трендови и теми на кои сметаме дека не се посветува доволно внимание во текот на студирањето. Затоа и одлучивме да ги одбереме ,,Алергиите’’ како значаен здравствен проблем што има широк опсег влијанија врз пациентите. Според статистичките податоци, бројот на лица со алергии расте, правејќи ја темата исклучително важна во секојдневието на секој лекар. Одлучивме да се фокусираме на теми како што се алергии на храна, ринитис, астма, како и терапии против алергични реакции. Со цел да го привлечеме вниманието на стручната јавност, поканивме реномирани предавачи од катедрите по имунологија, пулмологија, дерматовенерологија и педијатрија. Предавачите вложија максимални напори за да го пренесат своето знаење и искуство, покажувајќи посветеност и професионализам на високо ниво. Нивната организација и самиот интерактивен пристап кон учесниците, значително придонесоа за успехот на настанот. Учесниците беа поттикнувани да поставуваат прашања, да споделуваат свои искуства и да соработуваат за време на работилниците. Тоа ја зголеми нивната ангажираност и овозможи подлабока анализа на темите и заедничко решавање на предизвиците поврзани со алергиите. 



Ана Ќупева:

Како еден од организаторите на овој симпозиум и воедно делегат на Факултетското студентско собрание, сметам дека овој настан беше можност за непосредно стекнување знаења и споделување идеи и стручни прикази, кои го развиваат и подигнуваат квалитетот на идните лекари. Овој симпозиум покажа дека вклучувањето во активности што се надвор од редовните предавања и вежби е важно за студентите, но и за професорите. Ваквите форми на професионална и директна соработка меѓу студентите и професорите, се можност за стекнување повеќе различни перспективи за реалните здравствени предизвици и влијаат врз личниот и професионалниот развој на студентите. Истовремено, студентите по медицина на овој начин потврдуваат дека и покрај интензивната студиска програма, тие можат да бидат активни чинители во развојот на академската заедница, создавајќи практики и примери што отвораат нови перспективи за истражување и нови можности за уште поблиска соработка помеѓу сегашните и идните лекари.


Огромна благодарност до организаторите на настанот - тимот на ФСС при Медицински факултет и ЕМСА-Македонија.


Авторки : Ања Ангеловска и Ана Ќупева, дел од организацискиот тим на ЕМСА и ФСС




Nov 23, 2024

2 min read

5

194

bottom of page