top of page

Моќта на класичната музика

Nov 24, 2024

1 min read

5

71

Трајност, бесконечен придонес и темел за квалитет посведочени со еден и единствен збор – класика. Замислите колку е моќна врската помеѓу класиката и музиката, како едно од најсовршените човекови откритија. Класичната музика се доживува како музика што вечно ќе прозвучува низ етерот на возвишеното совршенство. 


Дали сте се запрашале некогаш какво е влијанието на класичната музика врз нашето битие? Докажано е дека таа има мошне благотворно и смирувачко влијание. 

На пример, во психотерапијата воведена е и посебна гранка, која е позната под поимот музикотерапија – терапија во која се имплементираат сите елементи на музиката (звук, ритам, мелодија и хармонија), кои доведуваат до исцелување и мошне позитивни резултати.


Исто така, научно докажано е дека моќта на музиката може да придонесе кон: подобро управување со стрес, подобра комуникација, појасно изразување чувства, подобро помнење, ублажување телесни болки, задоволство од животот, опуштање, смиреност итн. 


Ако размислиме подлабоко, ќе сфатиме дека музиката е неизбежен дел од нашето секојдневие и има голем придонес врз нашата емоционална состојба. Размислете како нашите емоции кореспондираат со музиката што ја слушаме и како тоа се одразува на нашето битисување секојдневно, а и на долги стази.


За крај, би додала дека треба да сме свесни за моќта на музиката, да ја користиме нејзината благотворност, внимателно да одбираме каква музика слушаме и какво влијание има таа врз нас и нашата личност. 

Музиката е најдобриот небесен подарок за човештвото. Таа само појаснува, смирува и теши. – П.И. Чајковски


Јулијана Деспотоска, студентка на Факултетот за музичка уметност



Nov 24, 2024

1 min read

5

71

bottom of page