top of page

Интелигентни електрични мрежи: следен чекор кон одржливи енергетски системи

Nov 21, 2024

2 min read

7

55



Глобалниот енергетски сектор се соочува со значајни предизвици, како што се растечките побарувања за енергија, ограничените резерви на фосилни горива и негативните последици од климатските промени. Овие проблеми наметнуваат потреба за развој на одржливи решенија, кои ќе обезбедат рамнотежа во користењето на енергијата со истовремено намалување на еколошкиот отпечаток.

Интелигентните електрични мрежи или Smart Grids се појавуваат како напредно решение, кое претставува промена во начинот на кој енергијата се дистрибуира, троши и управува. Тие ја интегрираат традиционалната енергетска инфраструктура со информациски и комуникациски технологии, овозможувајќи двонасочна комуникација меѓу производителите и потрошувачите на енергија. Покрај тоа, овозможуваат следење во реално време, управување со енергетските текови и оптимизација на користењето на ресурсите. Овие мрежи не само што ја подобруваат ефикасноста и стабилноста на енергетските системи, туку и значително придонесуваат за транзиција кон одржливи енергетски системи.

Клучни карактеристики што овозможуваат интелигетните мрежи да бидат поекономични и еколошки поприфатливи во споредба со традиционалните електрични мрежи

  1. Се справуваат со несигурности во распоредите и преносите на енергија низ региони.

  2. Интегрираат обновливи извори на енергија.

  3. Ја оптимизираат преносната и дистрибутивната мрежа и ги задоволуваат барањата за повисок квалитет и сигурност на снабдувањето.

  4. Можат да управуваат и да решаваат непредвидливи дефекти и несигурности во работењето на попрогресивен начин.

Еден од примерите за успешна имплементација на интелигентни мрежи се наоѓа во Калифорнија, САД, каде што Pacific Gas and Electric (PG&E), една од водечките компании за снабдување со енергија, разви систем што им овозможува на корисниците да ја следат и оптимизираат својата потрошувачка на енергија во реално време. Интелигентни мрежи веќе функционираат во повеќе земји низ светот, како: Канада, Мексико, Бразил, ЕУ (вклучувајќи многу земји-членки), Јапонија, Кореја, Австралија, Индија и Кина. Во Македонија постојат иницијативи за модернизација на електроенергетскиот систем. Иако сѐ уште нема примена на интелигентни мрежи, постои потенцијал за идни инвестиции и развој во оваа област, особено со зголемениот интерес за интеграција на обновливи извори на енергија и дигитализација на енергетскиот сектор. ЕВН Македонија веќе има започнато проекти за инсталирање на паметни броила во домаќинствата, коишто претставуваат еден од основните елементи на интелигентните мрежи.

Оваа статија е сублимат на дел од научен труд заснован на анализи и заклучоци, изведени од книгата „Smart Grid: Fundamentals of Design and Analysis“, J. A. Momoh, кој беше презентиран на дванаесеттото издание на Студентската конференција „Енергетска ефикасност и одржлив развој“ (СКЕЕОР) од мене (Маријана Тодороска) и од моите колеги, Сандра Шуклева и Димитар Чавкоски, под менторство на проф д-р Весна Ојлеска Латкоска. Доколку поттикнавме интерес кај некој од читателите на „Авангарда“, во прилог ви оставаме линк каде што наскоро ќе биде објавен зборникот на трудови за 2024: https://skeeor.feit.ukim.edu.mk/?lang=en .



Маријана Тодороска (КСИАР, Факултет за електротехника и информациски технологии)



Nov 21, 2024

2 min read

7

55

bottom of page