
Драги наши читатели,
според толковниот речник на македонскиот јазик, основното значење на зборот „АВАНГАРДА“ е „трупи што се претходница, извидница, први борбени редови“. А преносното значење е „тоа што предничи, што предводи во некоја идеја или движење“. За овој наш студентски гласник и двете значења се издржани. Тимот на „АВАНГАРДА“ го составивме со духот и на борци, и на предводници. Ви се претставуваме со неколку реченици за секој од нас и ве покануваме да го прочитате, да останете со овој наш гласник, а и сами да продолжите со ширење на студентскиот глас.
КОИ СМЕ НИЕ?

Во мојата програма како кандидат за претседател на УСС-УКИМ стои: враќање на студентскиот медиум Авангарда. Овој медиум беше создаден при првиот мандатен состав на УСС-УКИМ во 2020 година и беше во функција до крајот на тој состав. Инспирацијата за таа точка од програмата е дека на УКИМ му недостасува повеќе да се чуе студентскиот глас. Исто така, удел има и моето учество во подготовката на медиумот како дел од тогашната Комисија за студентски медиум при ФСС-Економски, испратен до тогашното УСС. Посакувам студентскиот глас да биде чуен надалеку, затоа што само така можеме да ги менуваме работите во нашето општество. Нека ова враќање на медиумот биде почеток за уште поголем раст на студентскиот активизам во нашето општество! (Александар Николовски)

Здраво. Јас сум Стефан Николиќ, студент по општа медицина на Медицински факултет - Скопје при УКИМ. Сметам дека времето што го трошиме како студенти и граѓани, жалејќи се за тоа што ни недостасува и зборувајќи за тие што заминале далеку од Македонија, треба да го искористиме за тие што решиле да останат, продуктивно толкувајќи како најдобро да се искористи тоа што моментално ни останало. Па, така да направиме искра надеж што во иднина ќе пламне во оган од кој ќе се грее секој еден граѓанин на оваа држава. Како координатор на студенскиот гласник Авангарда, се чувствувам прилично возбуден, бидејќи воочувам дека се раѓа платформа каде студентите покрај содржина од забавен карактер, ќе можат да ги истакнат и своите квалитети, да бидат осознаени, а и тие да осознаат за многуте скриени потенцијали, можности за соработка, образование и нови почетоци. (Стефан Николиќ)

Гласот на студентите, гласот на младите воопшто, го гледам како најсилното оружје што го имаме на наша страна за да притиснеме, да се избориме и да изнудиме какви било промени за сѐ околу нас. Јас, Мила Коруновска – студентка од 4-та година на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, ја добив честа да стапам на позицијата главен уредник на овој наш студентски гласник Авангарда. Како иден филолог, а и како секогашен „зборувач“, подготвена сум нашите зборови да ги насочиме кон една кауза поголема од сите нас. Враќањето на овој гласник, кој беше започнат уште со првиот состав на УСС, е еден достоен чекор кон поинформирани, поотворени и проширени студентски светогледи. (Мила Коруновска)

Здраво на сите, јас сум Стефан Трендевски и сум студент на Економски факултет – Скопје при УКИМ. Лично сум убеден дека младите луѓе, а особено студентите, се иднината на секоја држава. Младите луѓе се уникатен, бесценет ресурс со кој располага државата. Доколку правилно се инвестира во студентите, се очекува дека општеството ќе има голема придобивка, односно долгорочна корист од таквата инвестиција. Гласникот Авангарда е одлична можност за студентите да ги искажат своите ставови, мислења, сознанија и на тој начин да бидат сигурни дека нивниот глас ќе допре до пошироката јавност. (Стефан Трендевски)

Здраво, јас сум Иван Трајковски, студент сум на Економски факултет – Скопје, каде воедно сум студент-координатор на Инвестицискиот клуб и претставник на студентите во УСС, ФСС и ННС. Сметам дека ние, младите, сме единствената иднина на нашата земја. Единствениот начин како УКИМ ќе се развива и пробива во светски рамки како најдобар македонски универзитет е преку неговата најважна компонента: студентите! Поради ова, гласникот Авангарда го гледам како списание што ќе овозможи целосно развивање на нивните креативни способности. (Иван Трајковски)

Враќањето на студентскиот гласник Авангарда го гледам како многу важен чекор кон подобрување на студентскиот живот и академската заедница, како и зајакнување на комуникацијата и соработката на УКИМ. Оваа платформа ќе ги поврзе студентите и професорите, ќе се создаде простор за меѓусебна поддршка и соработка, што е клучно за растот на секој универзитет. Авангарда не само што ќе промовира квалитетни истражувања и проекти, туку и ќе отвори простор за дискусии на тековни теми и новости, што може да ги мотивира студентите да бидат поактивни. Поважно од сè е тоа што комбинацијата на информативен и забавен пристап ќе го направи гласникот привлечен медиум, кој не само што ќе ги информира, туку и ќе ги ангажира младите умови. Ваквата платформа има потенцијал да стане катализатор за нови иницијативи и иновации, и ќе ја збогати универзитетската култура. (Ана Шоповска)

Здраво! Јас сум Кристина Трајковска, идна толкувачка при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и во моментов сум на последната година од додипломските студии. Во тимот на Авангарда ќе имам својство на лекторка, позиција на која сум спремна да ги применам своите вештини стекнати во текот на академскиот живот. Особено се радувам што сум дел од враќањето во живот на студентскиот гласник Авангарда, бидејќи информативно-забавниот карактер што се очекува од гласникот е нешто што несомнено им е потребно на студентите. (Кристина Трајковска)

Јас сум Мила Поповска, четврта година на насоката за преведување со јазиците француски, англиски и секако, македонски при Филолошкиот факултет. Ми претставува големо задоволство што сум дел од новиот бран на Авангарда и со својата позиција на лекторка ќе придонесам за правилно користење на нашиот јазик во пишана форма. Драго ми е дека сите ние ќе имаме еден модерен медиум каде ќе се информираме, а и платформа за изјаснување на нашите ставови, коишто треба да бидат гласни и поткрепени, затоа се надевам дека ќе има вклученост и интерес од сите студенти
на УКИМ. (Мила Поповска)

Јас сум Филип Петковски, студент на Факултетот за дизајн и технологии на мебел и ентериер во Скопје, каде што сум член на ФСС, УСС и ННС. Авангарда како гласник го гледам како моќно средство за комуникација и соработка помеѓу студентите. Преку овој гласник, секој студент ќе може да се развие на повеќе полиња, од креативност и иновативност, па сè до наука. Поврзувањето помеѓу студентите и професорите е еден огромен и значаен чекор каде што професорите ќе можат да докажат дека се навистина тука за нивните студенти! (Филип Петковски)

Здраво, јас сум Стефан Вуловски Иванов, студент на 4-та година на ФЕИТ при УКИМ. Веќе извесен период имам потреба да ѝ се посветам на информативната сфера и како уредник од технички науки, моето искуство, истражување, анализа и размислување ќе ги приложам на студентската заедница, користејќи свежи идеи и теми што се важни за студентите на техничките факултети. Дополнително, преку овој гласник се добива можноста да се споделат сознанија со пошироката заедница на студенти, професори и останатата академска фела. На единствено место ќе се пласираат актуелни постигнувања и размислувања од областа на техниката, на интелектуалната маса, која обврзно движи со чекорот на новите модерни технологии. Како уредник, имам можност да отворам дискусии за иновациите во технологијата, предизвиците во индустријата и кариерните можности за студентите по инженерство. Вклучувањето во гласникот ми овозможува да бидам дел од подигнување на свеста за важни теми и да бидам гласот на моите колеги. Ова е одлична можност за вмрежување и работа со креативни и амбициозни луѓе. Преку оваа соработка ќе се создаде цврсто заедништво, кое ќе произведе силна интелектуална свест и моќ. Сметам дека овој проект ќе биде и своевиден придонес кон воздигнувањето на УКИМ на далеку повисоки позиции на Шангајската ранг-листа. Истовремено ќе се залагам за пронаоѓање и користење автентична, македонска терминологија од техничко-технолошката сфера, чија употреба заслужува значајно место во комуникацијата. (Стефан Вуловски Иванов)