top of page

Зошто настанува доминантна светска валута ?

Nov 27, 2024

2 min read

1

24

Верувам дека секој од нас, барем еднаш во животот се запрашал – Зошто доларот / еврото / фунтата се ,,светски“ валути и зошто насекаде се прифатени? Вистинскиот одговор е – повеќе причини. Главните причини ќе се обидам да ви ги појаснам во следнава статија.


Прво, доколку во светската економија истовремено би се користеле голем број на национални валути, различните валути би биле третирани како стока, што е проблем бидејќи на овој начин се губат основните функции на парите: трансакциско и пресметковно средство. 


Рамноправната и паралелна употреба на голем број валути би создала тешкотии во изразување на цените, бидејќи потребно би било цените на различни производи да се конвертираат во голем број валути. Трговците (купувачите и продавачите) на нафта, бакар, пченица и други стоки би морале постојано да ги споредуваат цените изразени во десетици или илјадници валути, кои континуирано флуктуираат меѓусебно. Со користењето на една валута, се елиминараат овие проблеми, а дополнително се придонесува за зголемена ценовна транспарентност, што е одраз на рационалното користење на факторите на производство, а на крајот од денот, тоа е основна цел во економијата.


Дополнително, девизниот пазар на кој директно би се тргувало со голем број валути без посредување, би бил слабо ликвиден, што би водело кон поскапување на трговијата. Тоа во пракса би значело дека ако двајца дилери сакаат да извршат замена, на пример азербејџански манати во чешки круни, таа операција би морале да ја извршат со две транскации – во едната, почетната валута, ќе ја конвертираат во заедничка (да кажеме долар или евро), а потоа доларот/еврото во крајната валута. Ако на ова додадеме дека е можна појава на ниска ликвидност на девизните пазари кај одредени валути, би се очекувало и додатно зголемување на купопродажните маржи, што ѝ штети на надворешно-трговската размена.


Поради вакви и многу други причини, во светски размери се јавуваат ефекти на агломерација и мрежни екстерналии, кои на доминантната (светската) валута ѝ даваат посебен статус и значајна улога во однос на економската сила на државата што ја издава. Учесниците на финансиските пазари ќе претпочитаат да ги држат своите сопствености во валута, која знаат дека лесно, брзо и без големи загуби може да се конвертира во друга валута. Цените ќе котираат во таа валута и ќе биде прифатена како средство за плаќање, а фактот дека голем број од учесниците на финансискиот пазар се спремни да ја прифатат целосно, таа ќе стане уште попривлечна. Овој ефект се нарекува мрежна екстерналија.


Доколку сте заинтересирани за вакви прашања, топло ви ја препорачувам книгата на Реј Далио (анг. Ray Dalio) - ,,The changing World Order”, во која меѓу другото, ќе може да разберете што значи доминантна светска валута од аспект на земјата-еминтент, низ призма на повеќе империи, и што кажува тоа за фазата на светскиот поредок во која се наоѓа светот.


Стефан Трендевски, Економски факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје


Nov 27, 2024

2 min read

1

24

bottom of page