
Авиокомпаниите со помош на исти авиони пренесуваат истовремено и патници и карго. Дали сте се запрашале зошто? Логиката е проста, поисплатливо е да користите еден авион за да ги пренесете патниците и каргото од една до друга локација, одошто кога би користеле два авиона за истата намена. Со конкретниот пример, објаснивме еден мошне интересен економски концепт, а тоа е економијата на опфатот.
Економијата на опфатот се однесува на ситуациите кога една компанија произведува две или повеќе добра со пониски трошоци, споредбено со производството што би го вршеле одделни компании.

Графикон 1 : Граница на производствени можности
Да замислиме дека постои компанија „АА“, којашто произведува автобуси и автомобили. Компанијата ги има на располагање сите потребни ресурси: машини, инпути и кадар за производство и на автобуси и на автомобили.
За да ја сфатиме економијата на опфатот, може да го искористиме горниот графикон. На графиконот е прикажана Границата на производствени можности. Имено, компанијата може да избира помеѓу различни комбинации на автобуси и автомобили, за да дојде до посакуваниот аутпут.
Како што можеме да забележиме наклонот на кривата е негативен, односно за да се произведат повеќе автомобили, компанијата мора да се откаже од одреден број единици автобуси и обратно. Се пак, клучниот момент во конкретнава ситуација е конкавноста на дадената функција. Главниот „виновник“ за конкавноста на функцијата е економијата на опфатот, односно поисплатливо на фирмата е да врши производство на двете добра истовремено. Доколку немавме појава на економија на опфатот, функцијата ќе беше негативна и линерна.
Заклучокот е следниов, компанијата „АА“ може да произведе поголем број на автомобили и автобуси, отколку две посебни фирми што произведуваат автомобили и автобуси, респективно.
Ако сакаме математички да ја изразиме формулата за економијата на опфатот, таа би го имала следниов облик:
Economies of scope (S) = (C(qa) + C(qb) – C(qa + qb)) / C(qa + qb)
Каде што:
C(qa) – трошокот за произведување на доброто А
C(qb) – трошокот за произведување на доброто Б
C(qa + qb) – трошокот за произведување на добрата А и Б истовремено
S – Економија на опфат, при што, доколку S > 0, тогаш имаме економија на опфат
Постои и обратна ситуација, а тоа е дисекономија на опфат, односно тоа е ситуацијата кога е поисплатливо двете добра да се произведени од две посебни ко мпании, одошто да бидат произведени од страна на една компанија.
Поради постоењето на економијата на опфат, мошне често имаме спојување на компании (анг. Mergers). Класичен пример се компаниите во ИТ секторот, односно оние што произведуваат лаптопи, телефони, таблети и сл.