top of page

Еден студент, три земји: искуства од студирањето во Италија, Германија и Македонија

Nov 19, 2024

3 min read

2

63

Моето име е Стефан, многумина ме викаат Стефче. Моето студентско патешествие започнува некаде на патот Скопје – Рим. Како тогашно 18 - годишно момче, за мене беше остварување на еден сон, но истовремено претставуваше и момент на страв од нешто што мислев дека е поголемо од мене. Но, од оваа гледна точка, по искуствата стекнати во Германија и Македонија можам да заклучам дека секој образовен систем си има свои уникатности. Оваа статија претставува своевидна ретроспектива на моето образование. 


Кога за прв пат се најдов на место каде не познавав никого, се почувствував изгубено. Тоа се зголеми и со непознавањето на академската средина, но токму поставеноста на системот и помошта што ја пружаат студентските асистенти на факултетот на кој студирав, беа тие што ми помогнаа во целосното снаоѓање. Кога станува збор за културолошката различност на Македонија и Италија, можам да кажам дека е многу мала. Секако, мојот академски живот вклучуваше и воннаставни активности што дополнително ми помогнаа да ги надминам сите тие стравови што ги имав на почетокот. 


По ова искуство следуваше нешто сосема поразлично. Иако беше онлајн студирање, германскиот образовен систем е тотално поразличен. Имено, по запишувањето, студентот има организирани ориентациски часови во кои се вмрежува со другите студенти, се запознава со студентските апликации и сервиси и со наставниот кадар. Дополнително, секој месец се организира т.н. Speed Networking Event (настан за брзо вмрежување), на кој студентите можат да разменат искуства и да создадат нови пријателства. Тука секако би сакал да напоменам дека универзитетот на кој студирам е приватен, но тоа во секој случај не причинува никаков сомнеж кај Германците. Ова е така поради вреднувањето на универзитетите и нивното следење и токму поради ова, германскиот образовен систем би требало да се земе како урнек во земјите што се соочуваат со проблеми во високото образование.


Тука некаде се вратив и во мојата татковина, како студент на приватен факултет, кој не е многу ценет и бев скептичен за вреднувањето на мојата диплома. Но, знаењето што го стекнав целосно ги демантираше овие грижи и сега со гордост можам да кажам дека и на приватните универзитети во државата може да се стекнеме со квалитетно знаење, кое го добиваме од реномирани професори. Исто така, по дипломирањето решив моето школување да го продолжам на Филозофскиот факултет при УКИМ, запишувајќи се на Институтот по историја. Сметам дека Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” во Скопје има многу позитивни страни. Прво, професорскиот кадар го дава секогаш својот максимум. Потоа, тој го цени знаењето на студентите. Но, секако треба да се напомене дека како студент на овој универзитет се соочив за прв пат и со некои тешкотии. За разлика од приватните универзитети во државата и универзитетите во странство, дигитализацијата и застареноста на инфраструктурата на универзитетите е најголемиот проблем со кој се соочуваат студентите. Германскиот и италијанскиот образовен систем се целосно дигитализирани, што ја намалува фрустрацијата кај студентите. Токму затоа сметам дека македонскиот систем е добар, но треба многу да се подобрува.


Пред да дадам заклучок на ова мое излагање, би сакал вака јавно да дадам одговор на неколку прашања, кои сметам дека треба да бидат одговорени:

  • Каде е најлесно да се студира?

На ова прашање одговорот за мене сѐ уште е непознат бидејќи сѐ што учиш со љубов не е тешко.

  • Каде студентите добиваат најмногу поддршка?

Според мене, германските универзитети нудат најдобри механизми за поддршка, како што се службите за менторство и ориентација за нови студенти, академска помош и пристап до различни ресурси за развој на кариерата.

  • Каде образовниот систем најмногу ги подготвува студентите за реалниот живот?

Германија е позната по својата ориентација кон индустријата и практичните искуства. Студентите, преку своите програми, имаат пристап до стажирање и индустриски проекти што им овозможуваат да стекнат вредни вештини и контакти.


И како за крај би сакал да кажам една важна реченица, која најдобро би ги сумирала овие мои искуства: „Од италијанската традиција и магија, преку германската прецизност и уредност до македонската блискост“. Ова е тоа што ми покажува дека не постои нешто подобро од сопственото учење, кое секогаш го носиме со себе каде и да сме. 


Стефан Младеноски

Nov 19, 2024

3 min read

2

63

bottom of page