
Влијанието врз периодонталниот лигамент од IQOS (електронски загреан тутун): Потенцијални корелации
Nov 30, 2024
3 min read
12
206
Употребата на загреани никотински производи IQOS (I Quit Ordinary Smoking) во последните 5 години ја здобива популарноста како потенцијално алтернативно решение што воедно е и помалку штетно од обичните никотински цигари. Сепак, иако намаленото количество штетни емисии во загреаните тутунски производи може да намали одредени ризици во споредба со конвенционалното пушење, загриженоста во врска со влијанијата од изложеност на никотин врз оралното здравје останува значајна. Пародонталниот лигамент (ПДЛ), кој игра клучна улога во одржување стабилност на забите, е многу чувствителен на фактори од околината како што е никотинот, моќен вазоконстриктор и воспалителен агенс. Овој апстракт има за цел да ја истражи можната корелација помеѓу внесот на никотин од IQOS и неговите влијанија врз пародонталниот лигамент, земајќи ги предвид директните и индиректните механизми на неговото дејство.

За да се проценат постоечките истражувања за изложеност на никотин при традиционално конзумирање цигари и поновите производи со електронско загревање, спроведени се сеопфатни истражувања во литературата, со особено внимание на начинот на којшто ПДЛ реагира на никотинот и неговото влијание врз ремоделирање на ткивата и активација на воспалителните промени.
Вазоконстрикција
Влијанието од никотинот врз пародонталното ткиво е мултифакторијално и вклучува сериозни, комплексни биоцелуларни и физиолошки механизми што го намалуваат интегритетот и функцијата на ткивата. Впрочем, еден од примарните дејства на никотинот врз пародонталните ткива е неговото вазоконстрикторно дејство. Никотинот стимулира испуштање катехоламини од симпатичките нервни завршетоци, кои доведуваат до констрикција на крвните садови. Пародонталниот лигамент претставува богато васкуларизирано ткиво, кое игра битна улога при ремоделирање и е коскена потпора на забите. Вазоконстрикцијата предизвиката од никотин може да ги загрози неговите функции и да го ограничи дотурот на репараторни клетки како што се фибробластите и остеобластите, а со тоа го загрозува имунолошкиот одговор значаен за репарација на оралните ткива.
Имунолошка реакција
Никотинот има директно влијание врз клетките на имунолошкиот систем во самото пародонталнно ткиво, ја трансформира функцијата на неутрофилите, макрофагите и лимфоцитите да ги фагоцитираат бактериите, што го зголемува ризикот од насобирање бактерии и акутни инфекции во пародонталните ткива.

Фибробластна дисфункција
Пародонталниот лигамент е составен од сврзно ткиво богато со колагени влакна, кои обезбедуваат механичка поддршка и го олеснуваат прицврстувањето на забот во алвеоларната коска. Никотинот ја попречува функцијата на пародонталните фибробласти, кои се одговорни за синтеза на протеините од екстрацелуларниот матрикс, вклучувајќи го и колагенот. Ова нарушување во функцијата на фибробластите доведува до нарушено создавање колаген и абнормално ремоделирање на ткивото во ПДЛ, што резултира со ослабена прицврстеност и поголема подложност на пародонтално распаѓање, а воедно и луксација на забите.
Ксеростомија - Намалено производство на плунка
Плунката како главен медиум во оралниот кавум игра клучна улога во одржување на оралното здравје преку неутрализирање на киселините што го деминерализираат емајлот на забот, отстранување на заробената храна и обезбедување антибактериски својства. Кога протокот на плунка е намален, постои зголемен ризик од акумулација на наслаги, кои доведуваат до појава на кариес, гингивити од катарален тип и халитоза. Дополнително, сувата уста го влошува чувството на непријатност во усната празнина и прави подложна средина за развивање на микроорганизми, со што се зголемува ризикот од орални инфекции.

Орален канцер
Иако IQOS ослободува помалку токсини од традиционални цигари, сепак испушта хемикалии како што се ацеталдехид, формалдехид и акролеин. Овие супстанции делуваат иритирачки врз оралната слузница и можат да предизвикаат хронично воспаление на гингивата и потенцијално да го зголемат ризикот од орален карцином со тек на конзумирање.

Иако IQOS се смета како помалку штетна алтернатива за конзумирање никотин, тој не е без ризик за оралната празнина. Никотинот што се содржи во IQOS цигарите има значителни негативни ефекти врз пародонталните ткива, вклучувајќи вазоконстрикција, нарушен имунолошки одговор, зголемено воспаление и нарушена репарација на ткивото. Овие ефекти придонесуваат за развој на пародонтопатија и рецесија на гингивата, а како резултат на тоа и луксација и испаѓање на забите. Дополнително, намаленото создавање плунка поради самото загревање и топлиот воздух емитиран од IQOS уредот, резултира со појава на иритација на оралната лигавица, а долгорочна изложеност на токсини дополнително влијае врз оралното здравје. Затоа, иако IQOS цигарите содржат помало количество токсини за вдишување, штетата поврзана со традиционалното пушење, сепак претставува значителен ризик за усната шуплина и треба да ѝ се пристапи со претпазливост.

Д-р Ангелина Вапска, Стоматолошки факултет, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ Скопје